DSpace/Manakin Repository

100-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

100-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

 

Во чест на Блаже Конески е изработена дигитална изложба со мултимедијални содржини, насловена „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“ и истата е поставена на веб-сајтовите на НУБ „Св. Климент Охридски“ и на Дигиталната библиотека на РСМ. Изложбата содржи селектиран материјал од општиот фонд и од специјалните збирки на НУБ „Св. Климент Охридски“: објавени дела од Блаже Конески и од други автори за Конески, преводи на негови дела на други јазици и негови преводи од други автори, оригинални ракописи од авторот, фотографии, музички ракописи и печатени партитури од реномирани македонски композитори инспирирани од богатиот книжевен опус на Конески, снимки од негови искажувања, стихови и др. Целта на дигиталната изложба е поширока презентација на Конески и приближување на неговата поезија, проза, стручните дела и ликот во целина до јавноста, како и поттикнување на нови идеи за истражување на неговиот богат и разновиден опус. Со претставените содржини се истакнува неговата значајна основоположничка улога за современиот македонски јазик, како и неговите креативни достигнувања и остварувања. Дигиталната изложба е достапна на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=dQY6S69XV-dY&t=319s Претходно, НУБ „Св. Климент Охридски“ подготви и патувачка изложба на плакати, односно на паноа, со истиот наслов „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“, која веќе беше поставена низ нашата држава во рамки на неколку настани што се одржаа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово, Манифестацијата „Рацинови средби“ во Велес, Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје и во Институтот за македонска литература, а следниот месец ќе биде поставена и во рамки на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“. Исто така, во чест 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески е планирано во декември 2021 година да се постави и физичка изложба на библиотечни материјали од фондот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во витрини, која ќе биде придружена со аудио и видео материјали. Проектите од Националната програма за одбележување на 2021 година - Година во чест на Блаже Конески се реализираат со поддршка на Министерството за култура и на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, а под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски.